ЦИКЛУС 3: ПОВИК ЗА ЕКО-ПРОЕКТИ

Формирај тим од 5 врсници, опиши го предизвикот поврзан со штетите кои ги предизвикува сообраќајот врз воздухот и аплицирај за награда од 120.000,00 денари за имплементација на иновативното решение во рамки на програмата UPSHIFT.

UPSHIFT е програма за социјални иновации која се базира на решавање на потребите на училиштата и локалната заедница за справување со климатските промени и заштита на животната средина.

ЗА КОГО Е НАМЕНЕТ ПОВИКОТ?

Повикот е отворен за сите средношколци на возраст од 14 до 19 години кои се дел од средните училишта во нашата земја.

Со вклучување во оваа програма, средношколците ќе добијат:

Mожност за учество на тридневен UPSHIFT Bootcamp настан за развој на иновации
Вештини и компетенции за социјални иновации и еколошки решенија
Практична примена на вештините во реализација на социјална иновација
Посилна врска и одговорност кон локалната заедница и граѓаните
Менторска и експертска поддршка и буџет од 120.000,00 денари
Искуство во натпреварување со други тимови составени од нивни врсници
Сертификат за учество во процесот.

ШТО Е ПОТРЕБНО ДА НАПРАВИТЕ?

КРЕИРАЈТЕ ТИМ ОД 5 УЧЕНИКА

Тимовите можат да бидат составени и од ученици од различни средни училишта, се додека училиштата се од истиот град.

Секој тим мора да биде составен од 5 члена од кои најмногу 3 члена можат да бидат од ист пол. Тимовите силно се охрабруваат да вклучат ученици од маргинализираните групи (ученици од социјално загрозени семејства, ученици со попречености и сл.)

Два и повеќе тима од исто училиште или ист град е возможно да аплицираат само доколку сите членови на тимовите се различни.

ИЗБЕРЕТЕ ПРЕДИЗВИК ПОВРЗАН СО НАМАЛУВАЊЕ НА ШТЕТИТЕ КОИ ГИ ПРЕДИЗВИКУВА СООБРАЌАЈОТ ВРЗ ВОЗДУХОТ

Програмата е насочена кон решавање и надминување на предизвици кои се поврзани со загадениот воздух, поконкретно, со негативните последици врз воздухот предизвикани од сообраќајот.

Ваша задача како тим е да препознаете и да изберете предизвик кој сакате да го решите со вашата социјална иновација. Предизвикот кон кого ќе ја насочите вашата социјална иновација може да биде насочен кон:

  • Емисиите на гасови од возила: емисиите на издувните гасови од возилата, вклучувајќи автомобили, камиони, автобуси и мотоцикли, ослободуваат загадувачи како јаглерод моноксид (CO), азотни оксиди (NOx), испарливи органски соединенија (VOCs) и ПМ честички, кои придонесуваат за загадување на воздухот.
  • Сообраќаен метеж: големиот сообраќаен метеж ја зголемува потрошувачката на возилата и го зголемува нивото на загаденост во урбаните средини.
  • Бучава: Возилата и сообраќајот придонесуваат за звучно загадување како резултат на работата на моторот, триењето на гумите со подлогата, свирењето, метежот и брзината на движење на возилата. Звучното загадување негативно влијае врз здравјето на луѓето и животните.
  • Типови и технологии на возила: Различни типови возила, како што се бензин, дизел, хибридни и електрични возила, имаат различни профили на емисии. Напредокот во технологиите на возилата, вклучувајќи ги системите за контрола на емисиите и возилата со алтернативно гориво, влијаат на нивото на загадување од сообраќајот.
  • Начини на транспорт: Изборот на начинот на транспорт, вклучително приватни возила, јавен превоз, возење велосипед и пешачење, влијае на нивото на загадување. Промовирањето на поодржливи и поефикасни начини на транспорт може да помогне во ублажувањето на загадувањето предизвикано од сообраќајот.
  • Алтернативни горива и обновлива енергија: Поттикнувањето на употребата на алтернативни горива, како што се биодизел, етанол, водород и природен гас, како и промовирање на обновливите извори на енергија за електрични возила, помага да се намали влијанието врз животната средина од загадувањето поврзано со сообраќајот.

РАЗВИЈТЕ ПРЕДЛОГ- РЕШЕНИЕ ВО ФОРМА НА СОЦИЈАЛНА ИНОВАЦИЈА НАСОЧЕНО КОН РЕШАВАЊЕ НА ПРЕДИЗВИКОТ

Врз основа на избраниот и дефиниран предизвик, развијте идеја за социјална иновација која би била насочена кон надминување на предизвикот. При развој на идејата за социјална иновација, осигурајте се дека истата навистина ќе има влијание кон решавање на предизвикот кој сте го избрале.

Социјална иновација подразбира развој на нови решенија кои претходно не постоеле за решавање на некој општествен проблем, во случајот предизвици поврзани со воздухот.

Пример: Ученици во своето училиште забележале дека училиштето трошело питка вода за наводнување на дворните површини. Учениците предложиле да се изгради систем кој би ја собирал водата дождовници која би се чувала во посебен контејнер и би се користела за наводнување.

Во рамки на овој повик, бараме идеи за социјална иновација кои можат да се спроведат во рок од 3 месеци и притоа да бидат целосно реализирани или направени од страна на учениците.

ПОПОЛНЕТЕ ЈА АПЛИКАЦИСКАТА ФОРМА ЗА УЧЕСТВО

Откако ќе го формирате тимот, ќе изберете и разработите предизвик кон кој ќе се насочите и ќе креирате идеја за социјална иновација, пополнете ја апликациската форма достапна на СЛЕДНИОВ ЛИНК најдоцна до 14.04.2024 година. Изборот на тимовите кои ќе учествуваат во програмата ќе се направи врз основа на добиените формулари за апликација.

Од пристигнатите апликации, ќе бидат селектирани 10 финалисти врз основа на следните критериуми:

1. Потреба – најмногу 10 поени

Колкава е потребата за поддршка за изнесениот предизвик/проблем во рамки на училиштето?

Ве охрабруваме да истражите и да вметнете податоци за итноста за решавање на проблемот и како истиот влијае негативно.

2. Степен на влијание – најмногу 10 поени

Какво влијание и разлика може да се направи во рамки на училиштето доколку се реши предизвикот/проблемот?

3. Иновативност и изводливост на решение – најмногу 20 поени

Колку решението е иновативно и истото може да се спроведе од страна на учениците за 120.000 денари во рок од 3 месеци?

ОД ШТО СЕ СОСТОИ ПРОГРАМАТА

ФАЗА 1 – Избор на 10 финалисти врз основа на добиените апликации (16-19 АПРИЛ)

Од вкупниот број на пристигнати апликации ќе бидат селектирани 10 финалисти кои ќе бидат дел од UPSHIFT Bootcamp. На самиот Bootcamp сите 10 тима ќе креираат решенија кои ќе ги претстават пред 3 члена комисија. На крајот, ќе бидат избрани 5 победници.

ФАЗА 2 – Онлајн работилница за подготовка на 10-те финалисти (22 АПРИЛ)

Работилницата ќе биде вовед во целата методологија на дизајнерско размислување и секој тим дополнително ќе го разработи својот предизвик.

ФАЗА 3- UpShift Air Bootcamp за 10 финалисти (25-27 АПРИЛ, СТРУГА)

Преку Design Thinking методологијата, за време на тридневниот настан, 10 избрани финалисти ќе ги развијат своите идеи во финални решенија/социјални иновации, со помош на назначени ментори. На самиот настан се презентираат сите решенија и се избираат 5 победнички решенија кои се наградени со 120.000,00 денари и менторска поддршка за имплементација на решението.

ФАЗА 4 – Промоција и активности во заедницата (МАЈ)

5-те победнички тима посетуваат еднодневна обука за застапување и за обезбедување дополнителна поддршка и средства од заедницата  за реализирање на иницијативата, на база на пристапот на crowdfunding.

ФАЗА 5 – Имплементација на социјалните иницијативи (МАЈ-ЈУЛИ)

Со помош на назначен ментор 5-те тима го реализираат замисленото решение и притоа креираат план за понатамошен развој на социјалната иницијатива.

ЗОШТО БАШ ПРЕДИЗВИЦИ ПОВРЗАНИ СО ВОЗДУХОТ?

Во последните 10 години состојбата со квалитетот на воздухот во цела земја станува посебно загрижувачкa. Посебно загрижувачки се месеците од ноември до март, кога  македонски градови редовно котираат во првите 10 најзагадени градови во Европа.

Постојат различни истражувања и студии на оваа тема од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, Град Скопје и други релевантни институции.

Според тоа, индустријата и загревањето на домаќинствата, јавните и комерцијалните објекти се најголемите загадувачи во С. Македонија според извештај изработен за петнаесет држави од страна на петнаесет врховни ревизорски институции од Европа во соработка со Европскиот суд на ревизори. Последната направена студија во земјава е од 2021 година и е фокусирана на градот Скопје. Целото истражување е пристапно на следниот ЛИНК.

Споделуваме неколку публикации и истражувања кои можете да ги искористите за инспирација за опис на вашите проблеми и предизвици:

  1. Студија за секторот транспорт анализа на политики и мерки СТУТРА;

  2. Национална транспортна стратегија 2018-2030
  3. Влијанието на загадувањето на воздухот врз човековото здравје – информации од Министерството за животна средина и просторно планирање
  4. Breathless beginnings: the alarming impact of air pollution on children in Europe and Central Asia (Извештај на УНИЦЕФ за влијанието на аерозагадувањето врз децата, само на англиски јазик)
  5. Извештај за квалитетот на воздухот во Република Македонија за периодот од 2005-2015
  6. План за чист воздух на Владата на Република Северна Македонија
  7. Поголемиот дел од општините во Северна Македонија имаат законска обврска да изработат План за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух. Како пример ги споделуваме Плановите на Општина Гостивар и Општина Кавадарци. Ве охрабруваме да истражите дали вашата општина има ваков План.
  8. Загадување на воздухот и поврзани здравствени последици во Новаци, Северна Македонија
  9. Загадувањето на воздухот во земјите на Западен Балкан (на англиски јазик)

ЗА ПРОГРАМАТА

UPSHIFT е програма за социјални иновации која се базира на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина.

Програмата ги вклучува младите во општествените процеси со тоа што им дава водство во поглед на идентификација на проблемите во нивната заедница, и потоа заедно со заедницата создава решенија, услуги или производи со кои се адресираат тие проблеми. Овој „дизајн фокусиран на корисникот“ и учење на претприемништво преку услуги им овозможува на младите да го развијат критичкото размислување и да се стекнат со вештини, кои можат да се применат во сите области на животот.

Програмата UPSHIFT ја реализира Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „UPSHIFT-ers for air quality“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ.