Формирај тим од 5 врсници, опиши го предизвикот поврзан со штетите од загадениот воздух и аплицирај за награда од 120.000,00 денари за имплементација на иновативното решение во рамки на програмата UPSHIFT.
UPSHIFT е програма за социјални иновации која се базира на решавање на потребите на училиштата и локалната заедница за справување со климатските промени и заштита на животната средина.
ЗА КОГО Е НАМЕНЕТ ПОВИКОТ?
Повикот е отворен за сите средношколци на возраст од 14 до 19 години кои се дел од средните училишта во нашата земја.
Со вклучување во оваа програма, средношколците ќе добијат:
Mожност за учество на тридневен UPSHIFT Bootcamp настан за развој на иновации
Вештини и компетенции за социјални иновации и еколошки решенија
Практична примена на вештините во реализација на социјална иновација
Посилна врска и одговорност кон локалната заедница и граѓаните
Менторска и експертска поддршка и буџет од 120.000,00 денари
Искуство во натреварување со други тимови составени од нивни врсници
Сертификат за учество во процесот.
ШТО Е ПОТРЕБНО ДА НАПРАВИТЕ?
КРЕИРАЈТЕ ТИМ ОД 5 УЧЕНИКА
Тимовите можат да бидат составени и од ученици од различни средни училишта, се додека училиштата се од истиот град.
Секој тим мора да биде составен од 5 члена од кои најмногу 3 члена можат да бидат од ист пол. Тимовите силно се охрабруваат да вклучат ученици од маргинализираните групи (ученици од социјално загрозени семејства, ученици со попречености и сл.)
Два и повеќе тима од исто училиште или ист град е возможно да аплицираат само доколку сите членови на тимовите се различни.
ИЗБЕРЕТЕ ПРЕДИЗВИК ПОВРЗАН СО НАМАЛУВАЊЕ НА ШТЕТНИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ
Програмата е насочена кон решавање и надминување на предизвици кои се поврзани со загадениот воздух или произлегуваат како штетна последица на загедениот воздух.
Ваша задача како тим е да препознаете и да изберете предизвик кој сакате да го решите со вашата социјална иновација, а е насочен кон загадениот воздух и неговите последици. Предизвикот кон кого ќе ја насочите вашата социјална иновација може да биде насочен кон:
- Нарушување на човековото здравје – Загадувањето на воздухот има докажани негативни ефекти врз здравјето на луѓето, придонесувајќи за респираторни и кардиоваскуларни болести, меѓу другите здравствени проблеми. Децата се особено ранливи на влијанието на загадениот воздух – за разлика од возрасните, децата се повеќе изложени на загаден воздух бидејќи тие дишат два пати побрзо и често пати преку уста, внесувајќи повеќе загадувачи. Бидејќи се помали по раст, децата се поблиску до тлото каде што се акумулираат загадувачите. Децата се физиолошки поранливи на загадениот воздух од возрасните бидејќи нивниот мозок, бели дробови и други органи се изложени на воспаленија и оштетувања за време на периодот на брз развој во детството.
- Нарушување на екосистемите – Загадувањето на воздухот може да има несакани ефекти врз екосистемите со тоа што ќе влијае на растителните и животинските видови. Промените во квалитетот на воздухот може да влијаат на здравјето и дистрибуцијата на вегетацијата, да ги нарушат синџирите на исхрана и да влијаат на биолошката разновидност.
- Влијанието на загадениот боздух врз климатските промени– Одредени загадувачи на воздухот, како што се стакленички гасови како јаглерод диоксид (CO2) и метан (CH4), придонесуваат за климатските промени со заробување на топлина во атмосферата. Ова води до глобално затоплување, променети временски обрасци и други влијанија поврзани со климата..
- Загадување на водата како последница на загадениот воздух– Некои загадувачи на воздухот може да се депонираат во водните тела преку атмосферско таложење. На пример, емисиите на жива може да се населат во вода, што доведува до контаминација со жива во водните екосистеми. Ова може да има негативни ефекти врз водниот живот и може да претставува ризик за здравјето на луѓето преку консумирање на контаминирана риба. Дополнително, загадувањето на воздухот може да придонесе за зголемување на киселоста на реките и езерата, што негативно влијае на водниот жив свет.
- Контаминација на почвата од загадениот воздух- Штетните материи од загадениот воздух, исто така, може да се населат на почвата, што влијае на нејзиниот состав и плодност. Тешките метали, како што се олово и кадмиум, може да се наталожат од воздухот и да се акумулираат во почвата, што претставува ризик и за здравјето на растенијата и за луѓето..
- Влијание кон енергетскиот сектор- Загадувањето на воздухот може да ја намали ефикасноста на обновливите извори на енергија како што се соларни панели и турбини на ветер, и како резултат, помал дел од енергијата ќе се добие од чисти извори. Од друга страна, користењето јаглен за производство на електрична енергија и горењето биомаса кои се користат во енергетскиот сектор за загревање на домаќинствата и јавните објекти негативно влијае на квалитетот на воздухот. Ослободувањето на стакленички гасови од производството на енергија придонесува за климатските промени, што влијае на енергетската инфраструктура и ресурси.
- Економски последици од аерозагадувањето- Загадувањето на воздухот доведува и до економски последици, односно трошоци како што се поголеми трошоци за здравствена заштита и лекување на населението од болести предизвикани од аерозагадувањето, намалена продуктивност на работниците и индустриите, зголемени трошоци за чистење и одржување на животната средина, намален потенцијал за туризмот, намалени земјоделски приноси и слично. Овие последици можат да ги оптоварат економиите и да го намалат искористувањето економскиот потенцијал.
РАЗВИЈТЕ ПРЕДЛОГ- РЕШЕНИЕ ВО ФОРМА НА СОЦИЈАЛНА ИНОВАЦИЈА НАСОЧЕНО КОН РЕШАВАЊЕ НА ПРЕДИЗВИКОТ
Врз основа на избраниот и дефиниран предизвик, развијте идеја за социјална иновација која би била насочена кон надминување на предизвикот. При развој на идејата за социјална иновација, осигурајте се дека истата навистина ќе има влијание кон решавање на предизвикот кој сте го избрале.
Социјална иновација подразбира развој на нови решенија кои претходно не постоеле за решавање на некој општествен проблем, во случајот предизвици поврзани со воздухот.
Пример: Ученици во своето училиште забележале дека училиштето трошело питка вода за наводнување на дворните површини. Учениците предложиле да се изгради систем кој би ја собирал водата дождовници која би се чувала во посебен контејнер и би се користела за наводнување.
Во рамки на овој повик, бараме идеи за социјална иновација кои можат да се спроведат во рок од 3 месеци и притоа да бидат целосно реализирани или направени од страна на учениците.
ПОПОЛНЕТЕ ЈА АПЛИКАЦИСКАТА ФОРМА ЗА УЧЕСТВО
Откако ќе го формирате тимот, ќе изберете и разработите предизвик кон кој ќе се насочите и ќе креирате идеја за социјална иновација, пополнете ја апликациската форма достапна на СЛЕДНИОВ ЛИНК најдоцна до 18.02.2024 година. Изборот на тимовите кои ќе учествуваат во програмата ќе се направи врз основа на добиените формулари за апликација.
Од пристигнатите апликации, ќе бидат селектирани 10 финалисти врз основа на следните критериуми:
1. Потреба – најмногу 10 поени
Колкава е потребата за поддршка за изнесениот предизвик/проблем во рамки на училиштето?
Ве охрабруваме да истражите и да вметнете податоци за итноста за решавање на проблемот и како истиот влијае негативно.
2. Степен на влијание – најмногу 10 поени
Какво влијание и разлика може да се направи во рамки на училиштето доколку се реши предизвикот/проблемот?
3. Иновативност и изводливост на решение – најмногу 20 поени
Колку решението е иновативно и истото може да се спроведе од страна на учениците за 120.000 денари во рок од 3 месеци?
ОД ШТО СЕ СОСТОИ ПРОГРАМАТА
ФАЗА 1 – Избор на 10 финалисти врз основа на добиените апликации (19 ФЕВРУАРИ)
Од вкупниот број на пристигнати апликации ќе бидат селектирани 10 финалисти кои ќе бидат дел од UPSHIFT Bootcamp. На самиот Bootcamp сите 10 тима ќе креираат решенија кои ќе ги претстават пред 3 члена комисија. На крајот, ќе бидат избрани 5 победници.
ФАЗА 2 – Онлајн работилница за подготовка на 10-те финалисти (27 ФЕВРУАРИ)
Работилницата ќе биде вовед во целата методологија на дизајнерско размислување и секој тим дополнително ќе го разработи својот предизвик.
ФАЗА 3- UpShift Air Bootcamp за 10 финалисти (04-06 МАРТ, Струга)
Преку Design Thinking методологијата, за време на тридневниот настан, 10 избрани финалисти ќе ги развијат своите идеи во финални решенија/социјални иновации, со помош на назначени ментори. На самиот настан се презентираат сите решенија и се избираат 5 победнички решенија кои се наградени со 120.000,00 денари и менторска поддршка за имплементација на решението.
ФАЗА 4 – Промоција и активности во заедницата (МАРТ)
5-те победнички тима посетуваат еднодневна обука за застапување и за обезбедување дополнителна поддршка и средства од заедницата за реализирање на иницијативита, на база на пристапот на crowdfunding.
ФАЗА 5 – Имплементација на социјалните иницијативи (МАРТ – МАЈ)
Со помош на назначен ментор 5-те тима го реализираат замисленото решение и притоа креираат план за понатамошен развој на социјалната иницијатива.
ЗОШТО БАШ ПРЕДИЗВИЦИ ПОВРЗАНИ СО ВОЗДУХОТ?
Во последните 10 години состојбата со квалитетот на воздухот во цела земја станува посебно загрижувачкa. Посебно загрижувачки се месеците од ноември до март, кога македонски градови редовно котираат во првите 10 најзагадени градови во Европа.
Постојат различни истражувања и студии на оваа тема од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, Град Скопје и други релевантни институции.
Според тоа, индустријата е најголемиот загадувач во С. Македонија според извештај изработен за петнаесет држави од страна на петнаесет врховни ревизорски институции од Европа во соработка со Европскиот суд на ревизори.
Последната направена студија во земјава е од 2021 година и е фокусирана на градот Скопје. Во неа се вели дека 30% од загадувањето во градот е од страна на домаќинствата. Целото истражување е пристапно на следниот ЛИНК.
Последната студија направена од институциите на национално ниво е од 2016 година каде што домаќинствата со 46,62% и индустријата со 37,2% се најголеми загадувачи.
Споделуваме неколку публикации и истражувања кои можете да ги искористите за инспирација за опис на вашите проблеми и предизвици:
- Влијанието на загадувањето на воздухот врз човековото здравје – информации од Министерството за животна средина и просторно планирање
- Breathless beginnings: the alarming impact of air pollution on children in Europe and Central Asia (Извештај на УНИЦЕФ за влијанието на аерозагадувањето врз децата, само на англиски јазик)
- Извештај за квалитетот на воздухот во Република Македонија за периодот од 2005-2015
- План за чист воздух на Владата на Република Северна Македонија
- Поголемиот дел од општините во Северна Македонија имаат законска обврска да изработат План за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух. Како пример ги споделуваме Плановите на Општина Гостивар и Општина Кавадарци. Ве охрабруваме да истражите дали вашата општина има ваков План.
- Загадување на воздухот и поврзани здравствени последици во Новаци, Северна Македонија
- Загадувањето на воздухот во земјите на Западен Балкан (на англиски јазик).
ЗА ПРОГРАМАТА
UPSHIFT е програма за социјални иновации која се базира на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина.
Програмата ги вклучува младите во општествените процеси со тоа што им дава водство во поглед на идентификација на проблемите во нивната заедница, и потоа заедно со заедницата создава решенија, услуги или производи со кои се адресираат тие проблеми. Овој „дизајн фокусиран на корисиникот“ и учење на претприемништво преку услуги им овозможува на младите да го развијат критичкото размислување и да се стекнат со вештини, кои можат да се применат во сите области на животот.
Програмата UPSHIFT ја реализира Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „UPSHIFT-ers for air quality“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ.